Министерот Јанакиески во посета на Дојран Print

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на општина Дојран Глигор Чабулев ги посетија локациите каде е во тек уредување на плажите на крајбрежјето на Дојранското Езеро.

Јанакиески за текот на активностите се запозна од  закупците на плажите, со чие уредување очекува повторно заживување на туризмот во Дојран. 

 - Очекувам со уредувањето на плажите, согласно насоките и упатствата од Министерството за транспорт и врски, дојранското крајбрежје да добие нов изглед и да привлече поголем број туристи, што позитивно ќе влијае за повторно заживување на ова туристичко место, изјави Јанакиески.

Во таа насока, додаде тој, е и проектот за изградба на пешачка патека покрај Дојранското Езеро, која ќе биде осветлена и хортикултурно уредена, а за што е во тек постапка за избор на најповолен понудувач кој ќе ја изведува изградбата.

Министерството за транспорт и врски на дојранското крајбрежје има дадено 10 плажи на краткотраен закуп по пат на јавно наддавање со цел нивно уредување согласно туристичките стандарди. Закупците треба да овозможат слободен влез за посетителите, да набават фискална каса и соодветни дозволи за вршење на дејноста.

Постојните песочни површини треба да се уредат и попесочат со соодветен автохтон песок, постојното зеленило максимално да се почитува и дооформи со автохтони видови, како и да се уреди хортикултурно и партерно.

Предвидено е на плажите да има сервисен пункт со санитарни јазли, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити, како и останати забавни содржини. Задолжително е закупецот да обезбеди служба за спасување.