Хидро-систем Печати

 Дојранското Езеро од агонија до живот   

    Во духот на човекот е да создава големи дела, кои треба да сведочат за времето кое поминало, дела кои ќе бидат гордост, кои ќе останат како пример и предизвик за сите народи и држави во светот. Проектот за спас на Дојранското Езеро остава посебен белег, кој како колосално дело претставува гордост, предизвик и симбол на борбата за исправување на една голема неправда кон природата. Со изградбата на хидро-системот и доведувањето дополнителни количества вода во Дојранското Езеро, направен е најголемиот чекор за спас на Езерото, за враќањето на животот на овие простори и за спас на честа на македонската држава. Овој проект е гордост, пример и предизвик, а заштитата на Дојранското Езеро, стои пред сите нас како наследство и обврска.

Реализација на Проектот за спас на Дојранското Езеро

    Крајот на дојранската агонија беше Проектот за доведување дополнителни количини вода во Езеротом со искористување води од бунарите кај Ѓавачко Поле. Со овој проект се нудеше техничко решение, со кое на најбрз и најекономичен начин се обезбедува квалитетно количество вода за Дојранското Езеро.

    Оваа варијанта првично, на ниво на Студија, е изработена во 1995 година од "Пелагонија Проект". Во 1999 година Министерствово за животна средина и просторно планирање изготви синтезен материјал за презентација на Студијата за експлоатација на подземните води од Ѓавачко Поле за обезбедување дополнителни количини вода за спас на Дојранското Езеро. Студијата за обезбедување на доплнителни количини вода за дополнување на Дојранското Езеро од локалитетот Ѓавачко Поле, подетално ја разработи "Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање", во 2001 година. Градежниот Институт-Македонија-ГИМ ги изведе деталните хидрогеолошки истражувачки работи, со цел да се утврди капацитетот на изданот и целосно да се испита штедроста на бунарите, како и да се дефинираат пошироките води на алувијалниот издан по квалитет и квантитет. Пробното тестирање покажало дека овој алувијален издан изобилува со вода и ги задоволува проектираните 1000л/сек.

    Интегралниот пристап кон реализирањето на проектот за спас на Дојранското Езеро и опфаќање на сите сегменти, кои имаат допирни точки со заштитата на Езерото и создавањето на реални и здрави основи за успешна реализација на Проектот, како и вистински и одржлив концепт за ревитализација на Езерото и околината, беа основа за реализирање на овој Проект. Во таа насока Министерството за животна средина и просторно планирање формира експертски тим, кои имаше задача да изврши еднократна експертиза за утврдување на квалитетот на подземните води(од аспект на Фауна и Флора - агресивни таксони и индикатори за загадување) во реонот на Ѓавато(околината на Богданци), а во функција на применување на истите за Дојранското Езеро. Експертскиот тим беше во состав: проф. д-р Панче Стојановски, редовен професот на ПМФ-Скопје, Институт за биологија; проф. д-р Гордан Караман, академик и редовен професор на ПМФ-Подгорица; проф. д-р Живојин Блажевиќ, редовен професор на факултетот за ветеринарна медицина-Белград, проф. д-р Јелена Блаженчиќ, редовен професор на Биолошкиот Факултет-Белград и д-р Божана Караман, кустос советник на Природно - Научниот Музеј во Белград. Испитувањата на подземните води во Ѓавато започнаа на 5 и 6 септември 2000 година, а собраните примероци за биолошка анализа од подземната вода се анализирани во Лабораторијата за био-технологија и систематика на нижите растенија при Институтот за биологија ПМФ-Скопје. Од извршената анализа, експертскиот тим на 08.09.2000г. даде мислење дека може да се пристапи кон реализација на Предлог Проектот за воведување на подземните води од реонот Ѓавачко Поле во Дојранското Езеро. Оваа експертска анализа, заедно со Физичко хемиската и биолошката анализа на водите од Ѓавато, направена од страна на Заводот за здравствена заштита од Велес, општинска единица Гевгелија, на 10.01.2000г. во функција на испитувањето за здравствената исправност на водата за пиење, беше потврда за компатибилноста на водите од Ѓавато со водите од Дојранското Езеро.

    За да започнат активностите на терен, главниот проект го изготви ДОО "Простор" од Куманово, а студиите за оцена на влијанието на хидро-системот врз животната средина т.е. на трасата, како и оцена за влијанието на бунарите врз реката Вардар ги изготви "Аура Инвест" - Скопје.

    За надзорот над целата работа и реализација на проектот беше ангажиран и Градежниот Институт - Македонија.

    На 19 февруари 2002 година, Владата на РМ формираше Јавно претпријатие за водостопанисување со хидро-системот "Дојранското Езеро" - Стар Дојран, а за директор го назначи г-дин Филип Дончевски.

    Со поставување на камен темелник на 6 мај 2002 година, кај местото Топлец, започна изградбата на предизвикот. Предизвик, кој значеше порака до сите. 

    Проектот е реализиран во рекордно време, во кој беа вклучени, исклучиво македонски фирми: Градежната оператива "Гранит", "Бетон", "Пелагонија" и "Маврово", фабрика за цевки - "ФЗЦ 11 Октомври" од Куманово, Градежниот Институт Македонија - ГИМ и Електростопанство на Македонија со ЕМО-Охрид. 

    Се изгради хидро-системот во должина од над 20 километри, со 10 бунари кај Ѓавато со капацитет од 100l/sec од бунар. беа ископани и насипани 180 m3, бградени 6000 тони челични цевки, изградени 2 изливни базени (Богданци и Дојран) со капацитет од 300 m3 и препумпен базен Ѓавато со капацитет 600 m3, изградена машинска хала со 6 хоризонтални ценрифуглани пумпи како и автоматска контрол на системот. Комплексноста на овој проект е содржана и во неговата комплексност во функционирањето, бидејќи е составен од:

  • Бунарско подрачје
  • Цевковод
  • Отворен канал
  • Енергетски дел

Дојран - 8 септември 2002 година

    Идејата, желбата, ентузијазмот, упорноста, беа насочени кон моментот на протекувањето на првите литри вода низ каналот кај Топлец. Исчекувањето започна на 4.9.2002г. кога од бунарите кај Ѓавачко Поле со првите литри вода почна да се полни хидро-системот. Вербата дека се прави големо дела, кое значи живот, гордост и почит, целиот период додека се реализираше проектот беше силна гаранција дека ќе успее.  

    Првите литри вода кои потекоа низ каналот, утрото на денот на македонската независност, беа реката која донесе живот и ја врати душата на Дојранското Езеро.